World News in Macedonian

Ердоган изврши притисок врз Саудиска Арабија за исчезнатиот новинар

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изврши притисок врз Саудиска Арабија да објави фотографии кои го докажуваат тврдењето на Ријад дека новинарот Џамал Хашоги жив го напуштил саудискиот конзулат во Истанбул, објавуваат денеска медиумите.


Хашоги, кој беше критичар кон саудиската монархија, на 2 октомври исчезна откако го посетил конзулатот за да ги заврши документите потребни за да се ожени за неговата турска свршеница.


Турските власти соопштија оти веруваат дека тој бил убиен внатре во конзулатот. Саудиска Арабија ги отфрла тврдењата како неосновани и тврди дека новинарот ја напуштил зградата безбедно. Саудискиот конзулат соопшти дека камерите не работеле на денот кога Хашоги исчезнал.


„Можно е во конзулатот, во амбасадата, да нема систем за надзор со камери“, вели Ердоган додавајќи: „не можеме да молчиме за ваков инцидент“, рече Ердоган.


На 10 октомври американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговарал со Саудијците за како што ја нарече „лошата ситуација.“ Тој исто така рече дека работат „многу блиску“ со Турција.


Турските медиуми објавија дека саудискиот тим за атентати на 2 октомври пристигнал во Истанбул со два приватни авиони.


Државната телевизија ТРТ објави видео во кое се покажува како Хашоги влегол во конзулатот во Истанбул. Другите снимки наводно ги покажуваат саудиските авиони и агенти кои пристигнуваат во турскиот град.

Читайте на сайте