World News in Macedonian

Собраниската расправа за уставните измени продолжува утре

Собранието на Република Македонија утре во 12 часот ќе ја продолжи седницата на која се расправа за утврдување на потребата од предлогот на Владата за уставни измени за имплементирање на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција.


На вториот ден од расправата, Елизабета Канческа-Милевска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека има непочитување на претседателот, законските одредби од Уставот и Деловникот на Собранието при склучувањето на договорот со Грција.


Нагласи дека факт e оти Референдумот беше неуспешен и колку да се обидуваме, додаде, не можеме да ги промениме бројките кои се фиксни и се знаат.


"Сите сме согласни за ЕУ и НАТО, но не можете да организирате референдум и да прифатите промена на Уставот без да обезбедите национален консензус", посочи Канческа-Милевска. 


Во реплика премиерот Зоран Заев порача дека процесот на преговори со Грција се водел најтранспарентно досега и за секој чекор бил информиран шефот на опозицијата, лидерите на поголемите политички партии и претседателот на државата, се до рамките со кои не се нарушувале преговарачките стратегии. За референдумот премиерот рече дека опозицијата не си го кажала својот став и затоа се одлучиле да биде консултативен. Тој посочи дека го критикуваат зошто е толерантен спрема опозицијата и додаде, на критичарите им велам консензус ќе ни треба, важни прашања се решаваат.


"Свесен сум дека немам 80 пратеници. Направив се што можев да направам за да имаме инклузивен процес. Денеска носиме одлука да дадеме шанса да се отвори постапката, а на крајот не мора да ги гласаме уставните измени ако нешто е загрозувачки и тајно. Кој ни дал право јас и Димитров да изготвиме амандмани. Ние не смееме да чепнеме додека Парламентот не одобри, оти тогаш ќе ја силуваме демократијата и процедурата во државата. Ветувам дека заедно ќе ги работиме со сите вас. Ако не се договориме имате право да не ги гласате", потенцира Заев.


Инаку во поладневниот дел од расправата поголем дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ пријавени за збор на седницата на уставните измени се откажаа од понатамошна дискусија.


На ова претходеше процедурано обраќање на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Драги Данев, кој од собраниската говорница рече дека партијата поднела барање, во дебатата за уставните измени пред пратениците да има обраќање партискиот лидер Христијан Мицкоски, кој не е пратеник.


Претседателот на Собранието Талат Џафери читајќи го член 72 од Деловникот на Собранието рече дека таква можност не е пропишана со Деловникот и го одби нивното барање.

Читайте на сайте