World News in Macedonian

Ѕанакопулос - Во соседната земја беше направен историски чекор

Двотретински изгласаниот предлог во македонското Собрание за почеток на уставните промени е историски чекор што ги носи двете страни поблиску до финалното - стапување во сила на Договорот од Преспа, смета портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос.


„Веќе влегуваме во нова историска фаза. Ги оставаме зад нас конфликтите од минатото и мислам дека оваа нова фаза ќе се покаже како исклучително позитивна за просперитет и соработка на полуостровот“, рече Ѕанакопулос во интервју за грчкото радио „Реал фм“.


Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на предвидените временски рокови, портпаролот на грчката Влада објаснува дека штом ќе се финализираат уставните измени, кои, според него, не е предвидено да завршат пред крајот на јануари, грчкиот Парламент ќе расправа за Договорот од Преспа, а потоа ќе биде ратификуван со предвиденото парламентарно мнозинство.


Тој го повтори ставот дека премиерот Алексис Ципрас и коалицискиот партнер, националистот Панос Каменос за конкретното прашање одново ќе разговараат кон почетокот на март, но и ги отфрла сценаријата за предвремени парламентарни избори во мај и покрај вчерашните изјави на коалицискиот партнер во владата, лидерот на Независни Грци.

Читайте на сайте