World News in Macedonian

Руска кампања во САД за поткопување на довербата во демократијата

Два извештаи подготвени за американскиот Сенат ја прикажуваат широко распространетата кампања спроведена од руски оперативци за да влијаат врз мислењето на американските гласачи во пресрет на претседателските избори од 2016 година. Двата извештаи, објавени денеска, беа подготвени за сенатскиот Комитет за разузнавање, кој го истражува руското влијание врз изборите на кои победи претседателот Доналд Трамп.


Биле истражувани милиони објави на Твитер, Фејсбук, видео снимки на Јутуб, фотографии на Инстаграм и други содржини објавувани на социјалните мрежи.


Американските разузнавачи го јануари 2017 година заклучија дека Москва го протежирала Трамп пред неговата противкандидатка од Демократската партија, Хилари Клинтон, како и дека биле хакирани компјутери, но и се користела пропаганда да се влијае на чувствата на гласачите.


Руската фирма Агенција за интернет истражувања од Санкт Петерсбург креирала лажни профили на социјалните мрежи, кои ширеле дезинформации и поттикнувале сомнеж за да ја зголемат поддршката за Трамп и да ја намалат таа за Клинтон. Фирмата, позната како „фармата за тролови“, била финансирана од бизнисменот Евгениј Пригожин, кој е поврзан со Кремљ.


Едниот извештај бил подготвен од Универзитетот Оксфорд и аналитичката компанија Графика, додека другиот од Универзитетот Колумбија и Кенфилд рисрч.


Истражувањата покажуваат дека Русите објавувале содржини со кои ги разгорувале ставовите на конзервативците во однос на прашања како имиграцијата или контролата на оружјето. Друга нивна цел биле црните гласачи и другите малцинства, од кои многумина би гласале за Демократите, за да им всадат сомнеж во американскиот изборен систем.


„Во текот на своите повеќегодишни напори, Агенцијата за интернет истражувања ги искористи поделбите во нашето општество проширувајќи ги слабостите во нашиот информативен екосистем. Тие ги искористија социјалните немири и човечките когнитивни предрасуди. Разорната пропаганда што Русија ја користеше да влијае врз американската мисла и да ги насочи разговорите повеќе од три години не беше секогаш објективно лажна“, се вели во извештајот.


„Таа беше дизајнирана да ги искористи социјалните пукнатини, да ги замагли линиите меѓу реалноста и фикцијата, да ја поткопа нашата доверба во медиумите и информативната средина, во владата, еден во друг и во самата демократија“, се наведува во извештајот.

Читайте на сайте