World News in Macedonian

Грција- со писмо до институциите се појаснува примена на Договорот од Преспа

Грчкото министерство за надворешни работи денеска упати циркуларно писмо до јавните служби со упатство за примена на Договорот од Преспа. Во него се наведува дека новото име на соседната земја Република Северна Македонија важи од 12 февруари за сите употреби, за сите цели и во сите меѓународни и регионални организации, институции и форуми, но и во билатералната службена пошта.


Во однос на документите се објаснува дека новото име ќе фигурира во сите документи издадени по 12 февруари, а за време на преодниот период до издавањето на новите патни исправи, при влезот и излезот од земјата ќе се става печат според кој ќе се објаснува дека потекнуваат од Република Северна Македонија.


За употребата на придавките за државата, владата, министрите и сл, во циркуларот, грчкото МНР објаснува дека правилно е да се користи: „Влада на Република Северна Македонија“ или, „Министерот за надворешни работи на Северна Македонија“, а не „македонска влада“ или „македонски министер“ и ова важи и за сите приватни субјекти финансирани од државата.


За државјанството, правилната употреба е „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“, се наведува во циркуларот, во кој се нагласува и дека грчките делегации треба да бидат внимателни и веднаш да реагираат ако забележат погрешна употреба од трета земја или организатор или дека нема правилна употреба на името и терминологијата согласно договорот.


 

Читайте на сайте