World News in Macedonian

Средношколци бараат олеснување на полагањето државна матура

Или да се скрати обемот на материјалот за полагање државна матура или да се намали бројот на интерни испити, бараат средношколци од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС). Тие ќе испратат барање до Собранието и Владата да се олести полагањето државна матура.


Со вакво барање денеска пред Министерството за образование протестирале матуранти, но од ОДАС се оградија од таквиот протест. Но од организацијата најавија дека тие ќе организираат предупредувачки протест, доколку надлежните не ги слушнат нивните барања.



Од ОДАС бараат да се олесни начинот на полагање на државна матура, оти во последните четири години, средношколците повеќе од година и пол учеа онлајн поради пандемијата со ковид-19, а ова учебна година речиси секојдневно имаше дојави за бомби во училиштата поради што губеа часови. 


„Во меѓувреме имаше и други фактори, така што ние матурантите сме најоштетена генерација и не сме имале една целосна непрекината учебна година“, изјави претседателката на ОДАС, Анисија Угриновска, за МИА.






По однос на ова барање и во врска со денешниот протест, претседателот на Сојузот на средношколци (ССРСМ), Лука Павиќевиќ, во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата што ја организираа денеска рече дека во моментов Генералното собрание на ССРСМ нема донесено одлука и дека треба да се разгледаат сите аспекти.


Според сегашното решение, матурантите полагаат два екстерни и два интерни предмета и проектна задача. Од резултатите на државната матура им зависи запишувањето на факултет.

Читайте на сайте