World News in Macedonian

Евакуираните македонски државјани од Израел пристигнаа на аеродромот во Скопје

Македонските државјани кои беа евакуирани од Израел денеска со бесплатен авионски превоз пристигнаа на Меѓународниот аеродром во Скопје.


Авионскиот превоз со чартер лет, на релација Тел Авив - Скопје, беше организиран согласно одлука донесена од страна на Владата, заради евакуација на сите државјани на Република Северна Македонија кои сакаа да го напуштат Израел и кои побарале да се вратат во Северна Македонија.


Како што соопштија вчера од Владата, во услови на целосно откажани летови и блокиран авио-транспорт со Израел, предизвикот за организирање на овој чартер лет е надминат преку соработка со „Ер Србија“, а трошоците за летот ќе бидат покриени од буџетот.


Во насока на ефикасна организација на авионскиот превоз, Министерството за надворешни работи, преку Дипломатско-конзуларното претставништво - Тел Авив, обезбеди список и информации за македонските државјани кои се наоѓаат во Израел и кои побарале помош да се вратат во Република Северна Македонија. 




„Амбасадата во Тел Авив, од самиот почеток на кризата е во контакт со државјаните на Република Северна Македонија, а дел од граѓаните кои се затекнаа во Израел, веќе се вратени во земјата меѓу другото и со специјални летови на пријателските држави на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението од Владата.


Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вчера на прес-конференција информира дека од Израел досега се вратени 60 македонски државјани, од вкупно 150 кои побарале помош, а го најави и денешното пристигнување на 90 македонски државјани од Израел.

Читайте на сайте