World News in Macedonian

Јаневска: Мора да се запре со нарачаните магистерски и докторски трудови

Појавата на нарачана изработка на магистерски и докторски трудови мора да запре, порачува Министерката за образование, Весна Јаневска.


Според неа, Министерството веќе работи на воведување стандарди и мониторинг во високото образование.


„Веќе е јавна тајна во Македонија дека се случуваат вакви неправилности. Она што го правиме секојдневно според можностите кои ни ги дава законот и според човечките капацитети кои ни се на располагање, е да сме присутни во сите високообразовни институции и научни институции. Во неколку државни универзитети веќе се одземени неправилно стекнати звања. Одредени луѓе се отпуштени од работа“, рече Јаневска на денешната прес-конференција во Министерството за образование и наука (МОН).




Таа очекува новиот Закон за високо образование на кој работи МОН, Законот за научни истражувања и националната рамка за квалификација на полиња, подрачја и области, кои треба да се донесат како пакет, да го подобрат квалитетот на високото образование.


„Кога ќе бидат готови, уште еднаш комисија од МОН ќе ги помине сите три документи, ќе направиме повеќе јавни расправи во универзитетите, доколку има потреба овојпат ќе имаме јавна расправа и во Собрание и потоа ќе го предадеме во владина и собраниска постапка“, дополни министерката. 


Јанева рече и дека Законот за високо образование е при крај, а на него го подготвува работна група формирана во новото национално координативно тело за реформи во високото образование.

Читайте на 123ru.net