World News in Macedonian

ДУИ започна процес на реформи и ветинг во партијата

Демократската унија за интеграција (ДУИ) попладнево соопшти дека започна сеопфатен процес на реформи и ветинг, предводен од претседателот на партијата Али Ахмети и раководството.


Според соопштението, оваа иницијатива ја истакнува посветеноста на ДУИ за добро владеење и интегритет, со цел поставување нови стандарди за политичките партии во регионот.


„Пратениците од ДУИ го започнаа процесот со проценка на ризик од корупција и потпишување на Кодексот за добра пракса и интегритет, кој е усогласен со Резолуциите на Венецијанската комисија и Парламентарното собрание на Советот на Европа,“ информираат од партијата.




ДУИ планира проширување на ветинг процесот кон сите високи партиски функционери, членовите на Претседателството и локалните ограноци.


„Со стратешкиот акциски план целиме не само да ја зајакнеме борбата против корупцијата, туку и да поттикнеме култура на интегритет во политичките процеси,“ истакнал претседателот Ахмети.


ДУИ нагласува дека нивниот пристап е сеопфатен и насочен кон поединци со силен интегритет, кои ќе ја движат антикорупциската агенда. Со оваа иницијатива, партијата има за цел да изврши значајни промени во партијата и во националната рамка на владеење.

Читайте на сайте